Се работи за минимална инвазивна процедура која може да се изведува под локална или општа анестезија. Процедурата е прифатлива за пациентите бидејќи е кратка и заедно со опоравокот се завршува во истиот ден.
Полето на индикација на оваа метода е многу широко, а ги опфаќа скоро сите возрасни групи на жената откако таа ќе почне да биде сексуално активна. Индикациите се од најобични крварења кои што се неуредни до ултразвучно забележани промени во шуплината на матката па дури и неплодност, кај која и покрај сите испитани елементи кои на неа влијаат останува уште оваа процедура со или без лапароскопија. Понатаму наоѓа примена за контрацепција, за стерилизација како и за отстранување на поставени спирали или делови од нив кои се заостанати. Бидејќи процедурата е вагинална и се изведува локално, изводлива е до доцна возраст односно се додека постојат индикации.
Истовремено може да биде изведена и дијагностичка и оперативна хистероскопија. Дијагностичката метода е за набљудување на празнината на матката. Обично се изведува под локална анестезија. Се прави во случај кога не може да се утврди со сигурност точната дијагноза преку други физички методи како ултразвучен преглед и хистеросалпингографија, кои имаат свои недостатоци. Хистероскопијата дава реален увид секаде каде постои сомнение дека овие методи можеби не откриле елементи, а сликата добиена од нив укажува на проблем (локален, анатомски). Оперативната хистероскопија се изведува под општа анестезија за лекување на оштетеноста во внатрешноста на матката. Со неа може да се третираат или отстранат полипи, прегради, септуми во матката, задебелување на ендометриумот или пак да се установи дека такво нешто не постои.
За изведување на оваа метода не е потребна посебна претходна подготовка. Пациентката може да има претходна хормонска поготовка (орални контрацептиви) или да се направи со последните денови од менструалниот циклус или по неговото завршување, кога визуализацијата на шуплината на матката е скоро идеална. Потребно е пацинтката да нема конзумирано храна и течности барем 4 до 6 часа пред изведување на процедурата и да нема анестезиолошки контраиндикации кои се многу ретки.
За изведување на методата се користи оптички инструмент со 3,5 милиметри дебелина кој преку грлото на матката се внесува во матката. Се користи и раствор односно специјална течност за да ја диспензира матката и да даде комплетна визуелизација на целиот простор. Целата процедура трае околу 30 мин, а по будењето пациентката е на кратка опсервација по која е слободна да си оди.
Оваа веб-страница користи колачиња за да го подобри вашето корисничко искуство додека се движите низ веб-страницата. Од нив, колачињата кои се категоризирани како неопходни се зачуваат на вашиот прелистувач бидејќи се неопходни за работа на основните веб функционалности