Господи, во овој момент на премин од старата во новата година, ја изразуваме нашата длабока благодарност за сè што ни беше дадено и дозволено да поминеме – и доброто и лошото.
Во радостите те славевме, а во искушенијата ја чувствувавме твојата сила и присуство како утеха и надеж. Благодарни сме што во секој миг од нашето патување не нѐ остави сами, туку ни го покажа патот кон доброто и вистината. Твојата милост беше светилка која го осветлуваше нашиот пат, дури и во најтемните моменти.
Света Богородице, Ти која си нашиот закрилник и застапничка, Ти која нѐ чуваше под Твојот мајчински покров од денот кога нашата болница, тогаш ординација – беше основана на светиот празник на Твоето раѓање, Мала Богородица, на 21.09.1992 година, пред точно 32 години.
Ти упатуваме искрена благодарност. Твојата љубов, како и љубовта на Синот Твој, Господ Исус Христос, беа и ќе бидат нашата инспирација за посветена работа, грижа и човекољубие.
Те молиме, Господи, води нè и понатаму низ предизвиците и дарувај нѐ со мудрост, трпение и сила за во новата година да продолжиме да делуваме во служба на здравјето, доброто и праведното.
Чувај го нашиот тим, нашите пациенти и сите оние кои ќе ни се обратат за помош.
Со смирено срце Ти благодариме, Господи, и со верба чекориме во годината што следи.
Д-р Стојан Органџиски – директор на Специјализираната болница за гинекологија и акушерство Д-р “Органџиски”, од целото семејство Органџиски.
Болница што влева верба во иднината.