Emergency number: 078 393 757
032 / 393-757

Спонтано породување

Родилната сала во нашата болница е опремена со мултифункционален родилен кревет што овозможува заземање на различни позиции во секоја фаза од породувањето. Ако се одлучите за спонтано породување, во нашата болница имате можност да изберете како да протече вашето породување: со медикаменти за обезболување (епидурална и спинална аналгезија/анестезија) или сосема природно без медицинска интервенција и давање лекови. Во случај да се појават неочекувани компликации, ќе бидете информирани за нивната природа и потребата од примена на лекови или операција со цел справување со истите.

При приемот, во предродилната и родилната сала, најважна е соработката на трудницата со акушерката. Трудницата треба да ги следи упатствата на акушерката за начинот на дишење и издишување и воопшто сите насоки и инструкции кои акушерката ќе ѝ ги даде. Кога трудницата ќе биде однесена во родилната сала, започнува процесот на породување.

По породувањето ќе бидете сместени во една од собите на Одделение. Сите соби во нашата болница се еднокреветни вип – соби со: купатило, интернет и ТВ. За сето тоа време, ќе бидете под медицински надзор, а ние не само што ќе го следиме вашето закрепнување, туку и ќе ве поддржуваме успешно да започнете со доење.

Основни факти за спонтаното породување

  • Раѓањето се дефинира како период од започнувањето на регуларните утерини контракции до исфрлање на постелката.
  • Породувањето се разликува кај секоја жена и може да биде различно секое породување кај една иста жена.
  • Информирањето за фазите на породување ќе ви помогне да знаете што да очекувате и како најдобро да се подготвите.

Како да знам дали природното раѓање е започнато?

  • Контракциите се појавуваат во редовни интервали и стануваат сѐ почести.
  • Истекување на околуплодова вода или појава на сукрвица.
  • Појава на тапа болка во долниот дел на грбот или долниот дел на абдоменот.

Породувањето се одвива во 4 родилни времиња:

  • Фаза на цервикална дилатација;
  • Фаза на раѓање на плод;
  • Фаза на експулзија на постелка;
  • Фаза на постпородилен мониторинг.

Првото родилно време е најдолго. Контракциите во оваа фаза стануваат сѐ посилни и постепено го отвораат грлото на матката и овозможуваат бебето да се спушти во карлицата и родилниот канал. Периодот на цервикална дилатација е поделен на латентна фаза и активна фаза. Започнувањето на латентната фаза се дефинира како точка од која мајката започнува да чувствува регуларни контракции и кај најголемиот дел од жените завршува на 3 до 5 см дилатација.

Во текот на овој стадиум:

  • Може да чувствувате умерени контракции, кои се јавуваат и поминуваат на секои 5 до 15 мин. и траат од 45 до 60 секунди.
  • Може да забележите појава на оскудна сукрвица. Ако се појави пообилно крварење, морате веднаш да се јавите на лекар.
  • Активната фаза започнува кога контракциите стануваат редовни, а грлото на матката е отворено од 3 до 5 см. Сега е време да се упатите кон родилиштето.

Ако сте дошле во родилиштето пред започнување на активната фаза на породувањето, можно е да бидете вратени дома и да ви биде кажано повторно да дојдете.

Второто родилно време е фазата кога, всушност, бебето ќе се роди. Оваа фаза обично трае 1-2 часа. Грлото на матката е комплетно дилатирано и почнуваат напоните во тек на кои треба бебето да го „истуркате“ надвор. Лекарот и акушерката ќе ви објаснат дека треба длабоко да земете воздух, да го задржите воздухот и потоа да напнете. Во текот на оваа фаза лекарот и акушерката одлучуваат дали ќе се направи епизиотомија или не (пресекување на меѓицата со цел да се олесни излегувањето на бебето и спречување на поголемо расцепување на меѓицата).

Во третата фаза плацентата преку која бебето се хранело во матката, се исфрла надвор од телото на мајката. Оваа е најкратката фаза и обично се случува 5-30 мин. по раѓањето на бебето. Повторно ќе почувствувате контракции, кои сега се помалку болни и пократки, а акушерката ќе помогне постелката да излезе или ќе ви каже уште еднаш да напнете со што овој процес не би требало да биде посебно непријатен.

Во последната, четврта фаза, пациентката по породување останува два часа на бокс за да се опсервира нејзината состојба после раѓање со следење на виталните параметри. По завршувањето на оваа фаза, ќе бидете сместени во една од вип – собите на одделение.

Skip to content