Emergency number: 078 393 757
032 / 393-757

Болести на дојка

Болестите на дојката се поделени на бенигни и малигни.

Мастопатијата е бенигно заболување на дојката при кое се манифестираат прогресивни и регресивни промени на дојката коишто можат да се изразат како атрофија, хиперплазија и метаплазија на млечните жлезди. Таа може да се јави во текот на целиот репродуктивен живот на жената и во зависност од патохистолошкиот наод, се разликуваат три степени на мастопатија: мастопатија од лесен степен (I степен), од среден степен (II) и мастопатија од тежок степен (III). Најчесто се среќава мастопатијата од лесен степен (70%). Таа се изразува преку фиброзни и фиброзно-цистични промени. Ризикот да малигнизира е околу 0,5%.

Мастопатијата од среден степен се среќава во 20% од случаите и ризикот кај тие жени за рак на дојката е двапати поголем од останатата популација. Најретко (10%) се јавува мастопатијата од тежок степен. Многу е важно дисплазијата од тежок степен правилно да се дијагностицира и да се диференцира од преинвазивниот карцином на дојката. Кај пациентките со таков наод, ризикот за рак на дојката е два до четири пати поголем од оној кај останатите жени.

Клиничката слика на пациентките со мастопатија е болка во градите (мастодинија), присуство на јазли (најчесто во надворешниот горен квадрант) и исцедок (воденикав, млечнобел или крвав). Дијагнозата се поставува врз основа на темелна анамнеза, палпаторен преглед на дојките, ултразвучна мамографија (ехо на дојки), цитолошко испитување на наодот со пункција и, доколку е потребно, хистолошко испитување со биопсија. Ултразвучната мамографија е единствен неинвазивен метод преку којшто се прави скрининг за рак на дојката кај сите жени на возраст од 20 до 70 години.

Рак на дојката

Карциномот на дојката е малигно заболување кај жената. Ризикот од појава на овој карцином е повисок кај жените кај кои постои можност болеста да биде наследна (доколку претходно се има јавено кај нејзината мајка или кај некој поблизок член од семејството по мајчина линија). Ризикот е поголем и кај жените кои го имале првото породување по 30-та година од животот, кај жените со стерилитет, кај жените со поголема телесна тежина, кај оние кои ја добиле првата менструација пред својата 11-годишна возраст или кај оние кај кои менопаузата настапила по 55-та година од животот.

Ракот во 50-60% го зафаќа горниот латерален квадрант на дојката, но и централниот дел околу брадавицата (15-20%). Тој најчесто се јавува кај едната дојка, а само до 6% од случаите, ги зафаќа и двете дојки. Ракот на дојката се карактеризира со многу бавен раст. Може да се случи да изминат 6-8 години додека да порасне само 1 cm или додека да стане клинички забележлив. Карциномот на дојката се одликува со многу слаба симптоматика. Може да се појават и болки како неспецифични симптоми. Најчесто пациентките се пријавуваат за преглед откако ќе забележат јазолче во делот на градата. При понапреден стадиум, се забележува повлекување на брадавицата, а кожата наликува на „портокал“. Исто така, може да се јави и исцедок од градата.

Во дијагностиката, најбитен е самопрегледот на дојката во периодот меѓу 5-от и 10-от ден од менструалниот циклус. Самопрегледот се состои од палпација на дојката при лесно подигната рака. Препорачливо е тоа да се практикува еднаш месечно по 20-годишната возраст на жената. За најсигурен скрининг се смета ултразвучниот преглед на дојката. Кај сомнителните наоди се прави пункција со цитолошко испитување или биопсија на ткивото за хистолошко испитување. За дефинитивно излекување на пациентката може да се зборува по изминувањето на 5 години од првичното поставување на дијагнозата. Доколку болеста се открие во првиот стадиум, процентот на преживеаност кај пациентките е 70-80%, доколку тоа се случи во вториот стадиум тогаш процентот изнесува 50-70%, а во третиот и четвртиот стадиум 20-30%, па и помалку.

Редовната самоконтрола и редовните ултразвучни прегледи, значително ја намалуваат смртноста од рак на дојката.

Skip to content