Дежурен број: 078 393 757
032 / 393-757

Ендометриоза

Ендометриозата претставува заболување при кое има присуство на маточна лигавица во мускулниот слој на матката и надвор од неа. Ендометриозата зазема трето место после воспалителните заболувања на женскиот полов систем и миомот на матката.

Постојат многу хипотези за настанувањето на болеста, но ниедна од нив досега не е потврдена, што значи дека до денешен ден причините се непознати. Ендометриозата може да биде внатрешна и надворешна. Внатрешната ендометриоза се развива во мускулниот слој на матката каде се наоѓаат гнезда од ендометриjални клетки кои образуваат мали цистички. Пациентките обично се жалат на болна и обилна менструација. Матката е зголемена и болна на допир.

Надворешната ендометриоза е најчеста во полово зрелата возраст и се среќава најчесто помеѓу 25 и 35 годишна возраст. Болката е постојана или се чувствува како дискомфорт во долниот дел на мевот како резултат на постоечките адхезии ( сраснувања ). Од ендометриозата се засегнати и јајниците, кои често се со нарушена функција и се образуваат таканаречените чоколадни цисти. Како резултат на ова се развива стерилитет ( неможност за забременување ). Дијагнозата на ендометриозата не е лесна. За нејзиното откривање се користат повеќе методи како колпоскопија, ултразвучен преглед, хистероскопија, лапароскопија, хистеросалпингографија и хормонални испитувања.

Лекувањето е конзервативно со лекови и оперативно. Се користат препарати кои се насочени против хормоните кои ја стимулираат функцијата на јајниците и на тој начин се прeдизвикува состојба на лажна менопауза. При слаби резултати од конзервативното лекување се преминува на оперативно лекување. Раното откривање на ендометриозата го зголемува успехот за постигнување бременост.

Skip to content