Дежурен број: 078 393 757
032 / 393-757

Менопауза

Менопаузата е период од животот на жената кој настапува по завршувањето на нејзината репродуктивна способност и карактеристичен е по тоа што во тој период се јавува престанокот на менструациите. Вообичаено тоа се случува помеѓу 45-та и 55-та година од животот. Меѓутоа, менопаузата може да настапи и порано, како резултат на евентуалното оперативно отстранување на репродуктивните органи – јајниците. Не случајно се вели дека јајниците се најзначајното богатство на жената, бидејќи токму тие ги произведуваат женските полови хормони естроген и прогестерон, на тој начин штитејќи ја од најразличните заболувања на срцето и крвните садови, од остеопорозата и др. Менопаузата го вклучува периодот којшто претходи (пременопауза) и оној којшто следува по престанокот на менструацијата (постменопауза). Овој преоден период на жената е поврзан со загубата не само на женските полови хормони (естроген и прогестерон), туку и со загубата на машките полови хормони – тестостерон и DHEAS.

Симптомите што ги чувствува жената во периодот на менопауза се поврзани со прилагодувањето на отсуството на естроген. Еден од најраните симптоми е промената во нормалните менструални циклуси. Времето помеѓу два менструални циклуси или се зголемува, или се скратува. А и крварењето може да биде или пооскудно, или пообилно.

Останати симптоми се:

  • ноќно потење и топли бранови
  • промени во вагината и урогениталниот тракт: истенчување на вагината, сувост, недоволна еластичност, честа подложеност на инфекции, намалено либидо
  • психички промени: раздразливост, брзи промени на расположението, несоница, главоболка, умор, намалена концентрација
  • намалена еластичност на кожата
  • остеопороза и болести на срцето и крвните садови.

За тоа како жената ќе го преброди овој преоден период, големо улога имаат и споредните и надворешни влијанија: наследните фактори, културната средина, работното место, домашната атмосфера, стресовите, исхраната и др. Сепак, секоја жена различно, или полесно или потешко, поминува низ овој период од животот. Постојат најразлични лекови со цел да се помине полесно: хормони на природна база (фитоестрогени), хомеопатија, замена на хормонска терапија.

Skip to content