Почитувани,
Изразувам најголема благодарност до сите вработени во Специјализираната болница за гинекологија и акушерство „Д-р Органџиски“.
Без вас, нашата болница не би можела да биде лидер во гинекологијата и акушерството. Вашата пожртвуваност, деноноќната посветеност, емпатијата и сочувствителноста кон нашите пациенти имаат пресудно значење за нашиот заеднички успех и напредок.
Вие сте срцето на оваа болница. Затоа, како директор, секогаш се водам од мотото: „Најдобар начин да ја предвидите иднината е сами да ја создадете.“
А вие, почитувани колеги, ја создавате таа иднина секојдневно, со вашата посветена работа и труд.
Многупати сум кажал дека основен услов за успех е секој вработен да ја препознае визијата на својот директор, да биде лојален, трпелив, со меѓусебна и несебична почит и успехот е неизбежен.
Создадов тим кој во најголем дел силно верува во таа визија, тим што може да погледне и малку подалеку од година или две и затоа одиме напред.
Ако некој мисли дека друг ќе ни ја создаде иднината и ќе ни ја направи подобра и поубава е на погрешен пат. Без упорна работа нема успеси! Тоа го има само на филм, во реалниот живот тоа не постои.
Тој успех понекогаш чини многу, понекогаш се плаќа со сопственото здравје, жртвување на личното време и семејството – сум го покажал многупати со мојата несебична и деноноќна работа.
Најголема благодарност до мојата сопруга и водечки лекар во болницата која сите овие жртви и амбиции ги чуствува секојдневно на својот грб, благодарност до моите прекрасни ќерки што честопати неможам да бидам со нив а подршката на моите родители и на мојот татко ја гледате секојдневно кој се уште работи пожртвувано и несебично како млад човек.
Во новата година верувам дека ќе продолжиме уште посилно, со уште поголема верба и мотивација за постигнување уште поголеми успеси.
Секој вработен кој совесно и професионално си ја извршува својата работа секогаш ќе биде вреднуван, почитуван и награден. Истовремено, секоја непрофесионалност ќе биде соодветно санкционирана, бидејќи ништо не е поважно од нашите пациенти – родилките и нивните најмили, најмалите и најдраги суштества – нашите бебиња.
Со огромна почит,
Д-р Стојан Органџиски
Директор на Специјализираната болница за гинекологија и акушерство „Д-р Органџиски“