Emergency number: 078 393 757
032 / 393-757

Животното дело на прим. д-р Ванчо Органџиски – тема во емисијата „Патот до успехот“

За почетоците, неискуството, личниот развојот, развојот на професионалната кариера и патот до првата приватна болница во Источна Македонија, прим. д-р Ванчо Органџиски зборуваше во емисијата „Патот до успехот“.

Одлуката да стапне во здравствената фела д-р Ванчо Органџиски ја донел по завршувањето на своите средношколски денови, а со мотивација од неговото семејство. Медицината за него била голем предизвик и вистинска чест, па поради тоа се запишува на Медицинскиот факултет и станува еден од најмладите лекари коишто дипломирале.

„По завршувањето на основното и средното образование, прашањето беше – што да се студира. Во тоа време претежно стремежот беше да се биде доктор. Во мојата фамилија имаше економисти, правници, инженери, професори – сѐ имаше, ама немаше доктор“, вака прим. д-р Ванчо Органџиски зборуваше за своите почетоци.

Млад, неискусен, но со полна енергија – д-р Органџиски како директор на Здравствениот дом во Виница успева да ги придобие симпатиите на тогашниот Министер за здравство и да издејствува реконструкција на старата зграда од Здравствениот дом.

„Сето тоа се случи многу брзо. Министерот дојде лично на отворањето. Ама јас бев многу немирен дух, сѐ нешто сакав уште и уште“, вели д-р Органџиски за овој настан од почетоците на неговата кариера.

Гинекологијата е негова желба, а специјализацијата – негов стремеж и реализирана цел. Од 1981 година станува специјалист-гинеколог во Штипската болница, каде работи 11 – 12 години. Во тој период прим. д-р Ванчо Органџиски прв почнува да се занимава со брачна неплодност.

„Работев со методи кои во тоа време беа актуелни, меѓутоа сигурно дека сакав и понатаму да се усовршувам. Имав среќа да отидам на супспецијализација во Клинички центар во Љубљана. Кога отидов таму, се случи главната промена кај мене како личност. Кога се вратив оттаму, воведов многу промени во Клиничкиот центар во Штип“, посочува д-р Органџиски за неговите почетоци со проблемот за брачна неплодност.

Многумина негодувале за првата приватна ординација – идеја на д-р Ванчо Органџиски. Сепак не само што успешно ја реализираше, туку постепено дојде и до првата приватна болница во Источниот Регион „Д-р Органџиски“.

„Јас ако се сетам на тие моменти, сега си велам од каде ми таа храброст. Тогаш придобив доста симпатии од пациентите, бев доста популарен. Во почетокот во приватната ординација проблем беше апаратурата, беше екстремно скапа. Првиот ултразвучен апарат го добив со помош од благодарни пациенти. И уште оттогаш си велев – дали ќе ми се оствари тој сон некогаш да имам јас своја болница“, објаснува д-р Органџиски за работата на првата приватна ординација и желбата да отвори своја болница.

Болницата „Д-р Органџиски“ е животното дело на прим. д-р Ванчо Органџиски, кој за овој успех вели дека не може да биде остварлив без заложбата на неговиот син, д-р Стојан Органџиски, снаата д-р Верица Органџиска, ќерката Снежана Органџиска-Мајсторова и целото семејство.

„Заеднички успеавме“, заклучува прим. д-р Ванчо Органџиски во емисијата „Патот до успехот“.

Болницата „Д-р Органџиски“ упатува голема благодарност до новинарот Мишко Иванов за неговата покана и идејата да се документира успешниот пат на нашиот врвен и докажан гинеколог-акушер и вешт оператор, основач на првата гинеколошка ординација во Македонија во 1992 година и сопственик на првата приватна болница во Источна Македонија, прим. д-р Ванчо Органџиски.

 

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Skip to content